Еурофарм Пелистер моќен кај Тиквеш на стартот на плеј-офот

Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер со убедлива победа кај Тиквеш (43-24) ги отвори настапите во плеј-офот во машката ракометна Суперлига.

  • Комплетниот натпревар меѓу Тиквеш 2014 и Еурофарм Пелистер:

„Зелените“ важеа за фаворити и целосно ја оправдаа улогата на дуелот во салата „Јасмин“ во Кавадарци. Тиквеш беше резултатски близу само десет минути кога на семафорот стоеше резултат 7-8 за битолчани, а потоа почна гостинот да додава „гас“.

Контрите се покажаа како главно оружје за тимот на Алушовски на оваа средба. Манасков и Хенигман диригираа, поддршка им беше Петар Атанасијевиќ, заедно со новото засилување Граховац и капитенот Кузмановски. Лесните голови на полувреме донесоа 14-21, а потоа по шест минути игра се поведе за првпат двоцифрено (16-26) и тој резултат се држеше константно.

Најдобар стрелец кај Еурофарм Пелистер беше Дејан Манасков со шест гола, а Рудолв Хакбарт, Филип Кузмановски и Петар и Павле Атанасијевиќ имаа по пет гола. Кај Тиквеш, Богдан Мијушковиќ даде шест, а Томче Стојановски погоди пет пати. Во следното коло Еурофарм Пелистер го очекува дерби-дуел против Вардар 1961 во Битола, додека Тиквеш ќе бара бодови повторно на домашен терен, со Бутел Скопје.

Суперлигашите ги чека кратка пауза од лигашките натпревари, затоа што следат дуелите во Купот на Македонија.