Еурофарм Пелистер ќе заработи најмалку 140.000 евра, еве ги премиите во ЛШ

По вторпат во низа Еурофарм Пелистер ќе игра во групната фаза на Лигата на шампионите, што значи покрај тоа што салата „Боро Чурлевски“ на најмалку седум натпревари ќе биде исполнета до последно место, овие натпревари носат и убава можност за заработка. 

Иако премиите од Европската ракометна федерација (ЕХФ) не се ни приближни како оние на УЕФА и Евролигата, сепак обелоденети се премиите кои организаторот ќе ги подели меѓу шеснаесетте екипи учесници.

Учество во групната фаза на Лигата на шампионите:

10.000 евра по натпревар (14 натпревари во групната фаза)
Бонус за секој освоен бод: 5.000 евра
Бонус за освоено прво или второ место во А и Б групите: 20.000 евра
Учество во плеј-офот (осминафинале): 10.000 евра
Бонус за бод во плеј-офот: 6.000 евра
Учество во четвртфиналето: 10.000 евра
Бонус за бод во четвртфиналето: 7.000 евра

Бонус за учесниците на „фајнал-фор“:

Прво место: 300.000 евра
Второ место: 225.000 евра
Трето место: 150.000 евра
Четврто место: 75.000 евра

Еурофарм Пелистер минатата сезона инкасираше 140.000 евра, затоа што во групната фаза не успеа да освои ниту еден бод. Оваа сума ќе биде најмалата која што ќе „легне“ на сметката на пелистерци и во новата сезона. 

Македонскиот шампион своите ривали во групата фаза ќе ги дознае на 27 јуни, за кога е закажана ждрепката во Виена.