Еурофарм Пелистер ја официјализира разделбата со тренерот Жељко Бабиќ

Само два дена по завршниот турнир на Купот на Македонија, Еурофарм Пелистер објави спогодбена разделба со тренерот Жељко Бабиќ на крајот од сезоната. Во две недели пелистерци пропуштија големи шанси да ги освојат шампионатот и Купот и останаа со еден трофеј во сезоната која е на истек.

Сепак, заради професионални предизвици во татковината Бабиќ заминува од Битола и веројатно во иднина ќе работи во Хрватска. Тој е единствениот тренер кој во градот на ракометот издржа повеќе од две сезони во последните петнаесеттина години. Последен тренер со така долг стаж во Битола беше Звонко Шундовски во 2006 година.

„РК Еурофарм Пелистер ја известува јавноста дека спогодбено со тренерот Жељко Бабиќ ја искористи опцијата во договорот за прекин на соработката на крајот на сезоната. По две и пол сезони нашиот клуб ќе добие нов тренер за сезоната 2022/23. 

Најискрено му се заблагодаруваме на Жељко Бабиќ за развојот на клубот во претходниот период од 2020 година до денес. Без негова помош нашиот проект немаше да се развива по предвидениот колосек. Исто така изразуваме благодарност за остварените цели во европските натпреварувања и освоениот Суперкуп на Македонија 2022. 

Клубот му посакува многу успех во понатамошната работа и вратите на нашиот клуб секогаш ќе бидат отворени за професионалци како него“, се вели во соопштението на клубот од Битола.

До крајот на плеј-офот Еурофарм Пелистер ќе одигра уште два натпревари против Еурофарм Пелистер 2 и Бутел Скопје. Потоа се очекува да биде официјализиран наследникот на Бабиќ, а во кулоарите веќе се спомнуваат големи и познати ракометни имиња за примамливата битолска клупа.