Еурофарм Пелистер ја наполни касата по достоинствениот настап во ЛШ

Второто учество во овој формат на Лигата на шампионите за нашиот првак, Еурофарм Пелистер, во секој поглед е поуспешен од првиот. На резултатски план екипата која низ четиринаесет натпревари ја водеа Ангеловски, Шундовски и Алонсо освои осум бода, што е многу подобро од ланскиот учинок, во кој битолчани, заедно со Целје, завршија без бодови. Сега пелистерци финушираа пред Фредериција во групата А, а имаа и повеќе бодови од Загреб, кој со седум бода заврши на последното место во групата Б. Така, ако минатата сезона Еурофарм Пелистер заврши на 15. место во Европа, сезонава е четиринаесетти.

Финансиски исто така клубот од Битола мина многу подобро. По фиксните 140.000 евра (10.000 евра по натпревар), „зелено-белите“ освоија осум бода, што значи уште 40.000 евра (5.000 евра носи секој бод во групата). Вкупната сума која ќе легне на сметката на клубот од ЕХФ е 180.000 евра.

Еурофарм Пелистер е меѓу најгледаните екипи во Лигата на шампионите. Заедно со Веспрем, ПИК Сегед и Нант, е во групата на клубови со скоро исполнет капацитет на домашните натпревари. И играчки Еурофарм Пелистер дава неколку ракометари на врвот на листите. Кузмановски е меѓу најдобрите стрелци и поентери (голови и асистенции) во Лигата на шампионите, а Митревски е меѓу најдобрите голмани. Во одредени кола блеснаа и Радивојевиќ и Тајник, кој добиваа признанија од Медиа-тимот на ЕХФ. 

Македонија нема сигурно место во групната фаза на Лигата на шампионите за сезоната 2025/26, но со ваква сезона Еурофарм Пелистер и тоа како ја оправда „вајлд-картата“, а ако биде првак, веројатно пак ќе аплицира за елитното натпреварување есенва.