Еурофарм Пелистер изгоре од желба за трета врзана победа во ЕЛ и ремизира со Спортинг

Македонскиот ракометен вицешампион, Еурофарм Пелистер пропушти голема шанса да продолжи со серијата победи во Европската лига и вечерва одигра само реми против Спортинг. „Зелено-белите“ одиграа квалитетно на гостувањето во Лисабон, но иако имаа позитива во текот на целиот натпревар, во самиот финиш избрзаа во клучниот напад и дозволија Спортинг да грабне бод од овој дуел (27-27).

Жељко Бабиќ одново стартуваше без својата прва ѕвезда во тимот, Стипе Мандалиниќ, а изненади и со изборот за позицијата кружен напаѓач, затоа што местото на Граџан и Маркоски го доби српскиот бек Немања Обрадовиќ. И покрај тоа, пелистерци имаа одличен старт и со головите на Божиќ-Павлетиќ и Табоада (2) по првите седум минути имаа водство од 1-3, а во тој период одличен на голот беше и Секељи. На спротивната страна домашните ракометари отворија нервозно во нападот, а по двете исклучувања во низа, Еурофарм Пелистер искусно го искористи тоа и се одлепи на +3 (2-5).

По ефикасниот старт, битолските ракометари влегоа во мини-криза и серија грешки во нападот, па Спортинг со брза транзиција го казнуваше тоа и во 18. минута израмни на 8-8. Лошата игра на битолчани донесе и промени во нападот. Бабиќ со Граџан, Мараш, Маџовски и Мандалиниќ се реши да го освежи тимот и тоа се испостави како одличен потег и македонскиот тим одново го презеде водството. Во самиот финиш од првиот дел, Танкоски и Периќ го разиграа и Граџан и Пелистер на полувреме замина со позитива од два гола (14-16). Унгарскиот голман Мартон Секељи со шест интервенции имаше одлични први 30 минути, а кај стрелците по три гола имаа Табоада, Периќ и Граџан.

Еурофарм Пелистер со идентичен состав како стартот го започна вториот дел и со два брзи гола одново се искачи на позитива од четири гола (16-20), но по исклучувањето на искусниот Кукоски, домаќините возвратија со два гола во серија и се вратија на два негатива. Но, летните засилувања на македонскиот вицешампион, Табоада и Секељи влегоа во посакуваниот ритам и пак го вратија водството на својот тим од четири гола.

Идентично како и кон средината на првиот дел, така и во вториот, ракометарите на Жељко Бабиќ влегоа во нов лош период и по промашениот пенал на Периќ за плус пет, домаќинот намали на само еден гол негатива и ја врати неизвесноста на мечот. Во периодот кога се очекуваше нов налет на македонскиот тим, Спортинг ги искористи сите грешки на противникот и во 45. минута по четврти пат го израмни резултатот (25-25). Стипе Мандалиниќ со две бомби ја врати позитивата на својот тим на два гола, но во самиот финиш две катастрофални грешки во нападот ги чинеше пелистерци два гола и победа на овој натпревар (27-27).

Табоада со седум гола беше најефикасниот ракометар во таборот на Еурофарм Пелистер, а солидни беа уште Мандалиниќ со пет и Божиќ-Павлетиќ и Периќ со по четири гола. Во домашниот тим по шест гола реализираа Руесга и Шонгарт.

Со овој натпревар беше затворена првата фаза од групата Д, а втората ќе започне за седум дена и тоа токму со дуел на овие две екипи, но овој пат во Битола. Пелистерци со шест бода се третопласирани и имаат еден бод помалку од лидерите Спортинг и Ним.