Еурофарм Пелистер испрати жалба до ЕХФ за судењето со ПИК Сегед!

Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер преку соопштение ја информира јавноста дека поднесе официјална жалба на арбитражата на француските судии Карим и Рауф Гасми на натпреварот од осмото коло од групата А на Лигата на шампионите против ПИК Сегед.

Главната причина за реакцијата на македонскиот тим сигурно дека ја поттикна поништениот гол пред крајот на дуелот со ПИК Сегед во Битола, кој сигурно ќе ги променеше работите на крајот ако беше признат.

„Сметаме дека нашиот клуб не доби адекватен третман во текот на целиот натпревар, делењето на правдата не беше соодветно на степенот на натпреварувањето и одлуките на судиите директно влијаеја на конечниот резултат и финалниот исход. Клубот го искористи своето право да се обрати до Европската ракометна федерација (ЕХФ) и неговата судиска организација и да побара одговорност од делителите на правдата. Оваа жалба е одговорност кон нашите професионалци во клубот, армијата навивачи на Еурофарм Пелистер и македонскиот ракомет кој го претставуваме“, велат од Еурофарм Пелистер.

„Зелените“ загубија минимално на домашен терен од ПИК Сегед и останаа без победа оваа сезона во Лигата на шампионите по осум одиграни кола.