Еурофарм Пелистер и Вардар со најголеми придобивки по првата фаза на ЕП

Ракометната репрезентација на Македонија синоќа им приреди ново големо разочарување на своите фанови, откако со поразот од Австрија, ги заврши своите настапи на Европското првенство. 

Ова значи дека клубовите за кои настапуваат нашите репрезентативци порано од очекувањето ќе можат да сметаат на своите ракометари. Така, македонскиот шампион и вицешампион, Вардар и Еурофарм Пелистер може да се каже дека се најголеми „добитници“ по првата фаза на континенталнот собир. 

Ниту еден ракометар кој доаѓа од двете екипи нема да биде дел од главната фаза на Европското првенство, што значи дека Алушовски и Бабиќ ќе имаат подолг период за запознавање на нивните квалитети. Во редовите на Вардар се враќаат Стоилов (Македонија), Дибиров, Горбок, Атман, Шишкарев и Калараш (Русија) и Кугис и Кристопанс (Летонија). 

Во Битола пак порано од предвиденото ќе пристигнат Митревски, Маџовски, Велковски и Маркоски (Македонија), Шевелев и Остроушко (Украина), Ѓукиќ (Србија), Вегар (БиХ) и Радовиќ (Црна Гора).

И Вардар и Еурофарм Пелистер пред неколку дена ги започнаа подготовките за пролетниот дел од сезоната, во кој ги чека меѓусебна борба на домашно тло, но многу веројатно и во СЕХА лигата.