Еурофарм Пелистер го заборави поразот од Вардар и рутински се справи со Бутел

Екипата на Еурофарм Пелистер брзо го заборави поразот од Вардар во Скопје и пред својата публика со рутински 30-22 (14-9) го совлада Бутел и се врати на лидерската позиција во плеј-офот од Суперлигата.

  • Комплетниот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер и Бутел:

Гостите од Скопје беа рамноправен противник само на стартот на натпреварот. Откако Субашевски во седмата минута израмни на 3-3, пелистерци влегоа во серија и со четири врзани гола се одлепија на 7-3. Шампионот долго време ја чуваше предноста од четири гола, а во самата завршница од полувремето со голот на Пешевски за првпат поведе со +5 (14-9), резултат со кој се замина на одмор. 

Во вториот дел Еурофарм Пелистер тргна уште посилно и поведе со осум гола разлика (18-10), а откако прашањето на победникот веќе беше решен, Ангеловски шанса им даде и на ракометарите од клупата, кои одоворија соодветно и шампионот на крај славеше со убедливи осум гола позитива.

Најдобар поединец кај победничкиот тим беше Кузмановски со пет гола, а еден помалку имаше Пешевски. За Бутел најпрецизен беше Николов со пет погодоци. 

Ракомет
Суперлига 2023/24
Плеј-оф
Деветто коло:

Еурофарм Пелистер - Бутел Скопје 30-22 (14-9)

Спортска сала „Боро Чурлевски“
Гледачи: 1.000
Судии: Мирко Трајковски и Александар Вукашиновски

Еурофарм Пелистер:
Лесјак, Гедбан 1, Манасков 2, Цехте 3, Кузманоски 2, Тајник 1, Пиечховски 2, Борзаш 1, Танкоски, Радивојевиќ, Кузмановски 5, Петровиќ 3, Пет. Атанасијевиќ 3, Ѓорговски 2, Пешевски 4. Пав. Атанасијевиќ 1
Седмерци: 4/3
Исклучувања: 6 минути

Бутел Скопје:
Стојановски, Спасовски,Субашевски 2, Андревски 2, Пејковски 1, Стојановски, Ѓеорѓиевски 2, Николов 5, Крстевски 4, Јефтиќ 4, Михајловиќ, Цветковски 2, Јовевски, Василевски, Зенговски, Давитковски
Седмерци: 6/5
Исклучувања: 4 минути