• Мартин Танасковски

Битолски Еурофарм Пелистер лесно ја скокна првата пречка во Купот на Македонија. На Ф4-турнирот во Кавадарци „зелените“ славеа над Бутел Скопје (21-26) и во финалниот натпревар одат против вечниот ривал Вардар 1961 кој е бранител на тронот.
- Комплетниот натпревар меѓу Бутел Скопје и Еурофарм Пелистер:
Пелистерци посакуваат титула во ова натпреварување од 2005 година, додека вардарци ја бркаат јубилејната 15-та круна во второрангираното домашно натпреварување. Бутел Скопје падна уште во првиот дел кога беше задржан само на девет постигнати гола, а битолчани беа немилосрдни во нападот. За Еурофарм Пелистер ова беше четврта победа во низа над Бутел Скопје сезонава.
Дуелот тргна со мал број на голови. Скоро четири минути падна еден гол, првиот го даде Бутел Скопје преку Мајиќ, а потоа пелистерци на Бабиќ влегоа во ритам и го свртеа мечот во своја корист. Јосип Божиќ-Павлетиќ блескаше во нападот и поддршка му беше Стипе Мандалиниќ. Хрватското дуо го полнеа голот на Бутел и на Еурофарм Пелистер му донесоа предност од 1-4. Потоа беше полесно да се игра, затоа што тимот на Грчевски беше ставен во позиција да брка.
Ниту еднаш Бутел Скопје во првиот дел не се закани дека може да ја расипе забавата на битолчани. Цело време Еурофарм Пелистер водеше, беше 4-8, па 6-10, за до паузата предноста на големиот фаворит за пласман во финалето да порасне на огромни седум гола (9-16). Важна улога во вториот дел во нападот на Пелистер играа Матео Мараш и Ненад Костески, како и голманот Мартон Секељи кој бранеше според планот меѓу стативите.
На стартот на вториот дел, забележавме блесок на македонскиот репрезентативец Марко Митев. Даде три гола, асистираше за еден, па ја преполови негативата на Бутел Скопје на овој натпревар (14-18) на влезот на 40-тата минута. Сепак, во следните пет минути Секељи повторно се разбрани, пелистерци направија серија од три гола и пак ја вратија високата позитива (16-21), доволна да се задржи во последните петнаесетина минути од средбата во Кавадарци.
Најдобар кај победникот беше Јосип Божиќ Павлетиќ со шест гола, пред Стипе Мандалиниќ со пет реализации, додека Матео Мараш даде четири гола. Кај Бутел Скопје, Марко Митев и Мирко Мајиќ реализираа по пет пати.
Финалето во Купот на Македонија меѓу Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер се игра на 15 мај во салата „Јасмин“ во Кавадарци. Правдата на овој дуел ќе ја делат најдобрите македонски арбитри Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.
Ракомет
Куп на Македонија – полуфинале
Бутел Скопје – Еурофарм Пелистер 21-25 (9-16)
Спортска сала „Јасмин“ - Кавадарци
Гледачи: 1.000
Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски
Бутел Скопје:
Чаневски, Блажевски, Цветковски, Андреевски, Младеновски 2, Стојановски, Ѓеоргиевски 1, Митев 5, Бо Спасовски, Бој. Спасовски 4, Стојчевиќ, Јевтиќ 2, Василевски 2, Мајиќ 5, Трајчевски, Давитковски
Седмерци: 4/3
Исклучувања: 10 минути
Еурофарм Пелистер:
Секељи, Кизиќ, Ивановски, Мараш 4, Ојлески, Маркоски, Маџовски 2, Кукуловски, Мандалиниќ 5, Радовиќ 1, Танкоски, Периќ 1, Костески 3, Божиќ Павлетиќ 6, Граџан 1, Обрадовиќ 2
Седмерци: 3/2
Исклучувања: 8 минути