• Мартин Танасковски

Македонскиот вицешампион Еурофарм Пелистер продолжува со засилувањата за тековната сезона и официјално го ангажираше францускиот ракометар Саду Нтанзи. Станува збор за 26-годишен среден бек кој пристигнува во Битола од германскиот бундеслигаш Мелсунген и потпиша едногодишен договор со битолскиот клуб.
Нтанзи е производ на реномираната школа на Пари Сен Жермен, каде што помина четири сезони и освои четири шампионски титули во Франција, како и по еден Куп и Суперкуп. Тој ги има минато и сите младински селекции на француската репрезентација.
По заминувањето од ПСЖ, Французинот настапуваше за Феникс Тулуз, унгарска Татабања, катарски Ал Араби, а последно беше дел од Мелсунген. Со германскиот клуб обезбеди пласман во Лигата на шампионите за оваа сезона, откако минатата година го освоија трофејот во Лигата на Европа.
Саду Нтанзи ќе биде официјално претставен пред јавноста по неговото пристигнување во Битола.






