Еурофарм Пелистер го надигра Вардар и го грабна Суперкупот!

Еурофарм Пелистер ја прекина хегемонијата на Вардар 1961 во Суперкупот и славеше во дуелот (22-31) кој се одигра во СЦ „Борис Трајковски“ како најава за сезоната која следи во македонскиот ракомет.

  • Комплетниот натпревар на Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер:

Вардар имаше три титули во низа, но „зелените“ на Жељко Бабиќ успеаја да го детронизираат неприкосновениот ривал во ова натпреварување. Вујовиќ на овој меч одлучи да одмори повеќе од новите ракометари, претежно се ротираше, но сигурно е дека овој пораз на Вардар е добра најава за сезоната која следи и дека ќе биде доста интересно. За Еурофарм Пелистер ова е воедно прва домашна титула откако се припоија двата битолски клуба, или прв трофеј по 16 години, по двојната круна во 2005 година. До титулата се дојде со феноменален втор дел, во кој одбраната на пелистерци и голманот Секељи го задржаа ривалот на само осум постигнати гола.

Дуелот почна доста ефикасно, а првиот удар го зададе Вардар, поведе со 5-3 со головите на Дибиров и се изгради првата разлика. Потоа беше и 7-4, па 9-6, а проблем беше одбраната на Еурофарм Пелистер која не функционираше според планот, како и заспаниот напад во воведните десетина минути од полувремето. По тајм-аутот на Бабиќ, пелистерци се разбудија, предводени од Периќ кој беше главен разигрувач и стрелец дојдоа на 11-11 и резултатот беше изедначен до паузата (14-14).

На стартот на второто полувреме се реализираа четирите напади, беше 16-16, па битолчани влегоа во серија и преку Мараш, Божиќ-Павлетиќ и Маџовски дојдоа до навјисока предност од три гола (16-19). Голем проблем во играта на Вардар беше неефикасноста од десната крилна позиција каде беше Дарко Ѓукиќ, а Пелистер тоа го користеше. Секели нанижа вкупно пет одбрани, Обрадовиќ со првиот гол донесе 16-20, а црната низа на Вардар ја прекина Талески, кој даде гол од девет метри за 17-20.

Но, по тој гол, нападот на Вардар затаи кога беше најпотребно да се реализира. Немаа лек бековите на вардарци за расположениот Секели, па во 15. минута од второто полувреме беше 18-24 за Еурофарм Пелистер. Вујовиќ потоа промени голман, на местото на Томовски му даде шанса на младиот Гогов, кој возврати со четири одбрани, а Вардар успеа да намали два гола од негативата која ја имаше претходно (20-24). 

Сепак, тоа беше сѐ што актуелниот шампион успеа да направи. Избраниците на Жељко Бабиќ мудро ја контролираа играта и последните десет минути беа во целост во нивна доминација. Голем хендикеп за „црвено-црните“ беше и исклучувањето на Столе Стоилов, кој доби црвен картон поради удар со лакт врз Обрадовиќ.

Најдобар кај стрелците беше Стипе Мандалиниќ со шест гола, пред Јосип Периќ со пет, а одличен меѓу стативите беше новиот голман на Еурофарм Пелистер, Мартон Секељи, со 12 одбрани, од кои седум беа во вториот дел. Кај Вардар, Дибиров даде седум гола, пред Талески со пет.