• Иван Димовски

Ракометарите на Еурофарм Пелистер го добија натпреварот против Мешков Брест со 27-26 (23-23) и се пласираа на прв историски „фајнал-фор“ турнир во СЕХА лигата. Избраниците на данскиот тренер Валтер го добија трилерот против ривалот од Белорусија и ја израдуваа публиката во преполната „Боро Чурлевски“. Сепак, за победата мораа сериозно да се испотат и до неа дојдоа по изведувањето на пеналите, со што закажаа дуел со унгарскиот гигант Веспрем.
- Извештај од натпреварот:
Ларс Валтер на својот прв официјален натпревар тргна по „фајнал-фор“ на СЕХА лигата, a во првиот напад се потпре на Лесјак на голот, Сери, Дејвис и Хосни на бековските места, Васиљев на пивотменското место, а Радовиќ и Ојлески на крила. Белорусите реализираа пенал на стартот, но рускиот кружен напаѓач веднаш врати. Пелистерци стигнаа и до ран пресврт, а потоа не успеаја поубедливо да поведат. Сепак, Лесјак покажа што знае уште на стартот, ја надополнуваше одличната одбрана и собра четири интервенции, по што Еурофарм Пелистер поведе со 4-1 преку Хосни. Натпреварот немаше премногу погодоци, тоа беше поради расположените голмани и цврстата дефанзива. Домашните ракометари диктираа темпо, па се одржуваа во позитива и по петнаесет минути имаа 5-3.
Белоруската екипа не успеваше да се врати во натпреварот, битолчани водени од одличната атмосфера ја одржуваа предноста која најчесто беше два гола. Мешков Брест немаше решение, се одржуваше во игра, а со тоа успеа да обезбеди само гол негатива за паузата меѓу двете полувремиња (11-10).
Во продолжението битолчани отворија со гол, меѓутоа следеше одговор на гостите. Белоруските ракометари успеаја да дадат два гола во низа, а иако напаѓаа и за пресврт, следеше промашување. Тоа го искористи Марио Танкоски, кој врза два погодоци во обид да го врати моментумот на својот тим. Пелистерци дојдоа повторно до предност од 18-15 по реализациите на Сери и Хосни, а меѓу стативите шанса доби и Марко Кизиќ. Младиот голман собра три интервенции набрзина, ама гостите имаа среќа и им се враќаше поседот, па Алиокин намали. Предноста на битолчани не ја даваа Сери и Мирко Радовиќ кои погодуваа, пред Баранау да врати од пенал на 20-19.
Откако падна по еден гол на двете страни, Валтер свика минута одмор. На бековската линија дебитираа Емилијан Ѓорговски и Павле Атанасијевиќ, кој успеа да реализира еден напад со одличен дриблинг низ средината. Следеа два промашени напади на гостите и тајм-аут за Мешков, меѓутоа предноста се намали на само еден гол. Еден од клучните напади се оддолжи, дојде до пасива и Хосни направи техничка грешка. Кузманоски направи пенал, а Баранау на минута до крајот погоди за егал (22-22). Пелистерци имаа напад за победа, реализираше Танкоски на неколку секунди пред крајот, но Мешков фрли брз центар и Стевановиќ погоди за пенали.
Во пенал-рулетот прв реализира Цветан Кузманоски, а одговор стигна од Тарасевич. Во втората серија голот го промашуваа Радовиќ и Куран, за потоа да следат голови на Дејвис и Баранау. Пелистерци ја задржаа предноста преку Хосни, но Јуринок пак израмни. Драмата продолжи, Мешков пак смени голман, ама Пешевски беше сигурен со Заболотин. Урбан Лесјак стана битолски херој, откако го скроти ударот на Алиохин за голема победа.
- Одлучувачката одбрана на Урбан Лесјак:
Комплетната пенал серија натпреварот Еурофарм Пелистер - Мешков Брест:
Најдобар стрелец на овој натпревар беше Микалаи Алиохин со седум гола, кај Еурофарм Пелистер се истакна Руди Сери со шест гола, а по четири дадоа Танкоски и Хосни.