• Горан Упале
Еурофарм Пелистер на крилата на фантастичните Никола Митревски и Филип Кузмановски ја извојува можеби клучната победа во групата од Лигата шампионите. Во Битола падна полскиот гигант, Висла Плок, а покрај репрезентативците голема улога во овој успех на „зелено-белите“ секако дека има битолската публика.
Салата „Боро Чурлевски“ беше исполнета до последно место, а публиката одново приреди незаборавна атмосфера и ги бодреше своите миленици од првата до последната минута. Секако дека тоа беше забележано и од страна на Европската куќа на ракометот, па на социјалните медиуми ЕХФ се прашува дали токму Еурофарм Пелистер ги има најдобрите фанови во Лигата на шампионите?
„Best fans of the #ehfcl?“, стои во објавата во која има неколку фотографии од атмосферата во битолската сала.
Атмосферата во Битола е надалеку позната, па затоа секоја екипа со голем респект гостува во битолскиот ракометен храм.