• Мартин Танасковски

Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер ја одработи последната домашна задача пред плеј-офот и забележа победа над Бутел Скопје (34-25) во рамки на Суперлигата. Сега на „зелените“ им останува уште еден натпревар со Прилеп, кој ако го добијат како фаворити ќе ја имаат котата еден пред разигрувањето за титулата и Европа.
- Комплетниот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер и Бутел Скопје:
Важно е првото место на табелата, затоа што во плеј-офот се пренесуваат два бода, наспроти еден бод за вториот и третиот по крајот на регуларниот дел. Пелистерци така одиграа максимално сериозен меч, а Раул Алонсо им даде шанса на сите ракометари да се најдат на теренот во „Боро Чурлевски“.
Бутел даваше голем отпор на почетокот, играше егал со фаворитот скоро цело прво полувреме, но потоа загуби здив заради пократкиот ростер и квалитет на екипата. Еурофарм Пелистер првиот удар го зададе кога влезе во игра капитенот Кузмановски и домаќинот направи серија од три гола и од 9-9 замина на 12-9. Потоа пред паузата следеа уште три гола во низа, за високи 19-13 на полувремето.
Вториот дел беше само рутина за „зелените“, а високата позитива константно се одржуваше. Меѓу стативите застана Давид Брестовац и ги освои симпатиите на околу 500 гледачи на своето деби. Највисокиот плус се достигна пред финишот кога беше плус девет (30-21), иако тимот беше без Богдан Радивојевиќ, Цветан Кузманоски и Филип Ивиќ кои добија одмор, како и повредените Нејц Цехте и Петар Атанасијевиќ.
Најдобар стрелец на натпреварот беше Филип Кузмановски со десет гола, а Дејан Манасков запиша седум реализации, додека кај Бутел, Драган Шолиќ даде шест гола, а Христијан Милошески погоди четири пати.