Еурофарм Пелистер без мака до место на Куп-завршницата

Екипата на Еурофарм Пелистер ја оправда фаворитската улога и како најдобра на турнирот во Битола се пласира на завршницата од Купот на Македонија. Пелистерци во маратонскиот ден во кој одиграа два меча успеаја да слават и над Тиквеш (36-30) предводен од некогашниот селектор Данило Брестовац.

  • Комплетниот натпревар меѓу Тиквеш 2010 и Еурофарм Пелистер:

„Зелените“ на Јовиќ и Шундовски имаа контрола на настаните и заслужено се пласираа на завршницата каде ќе го напаѓаат трофејот. На полувремето „зелените“ имаа предност од 20-17, а главни во нападот беа Ојлески, Кисум и Суси кои беа стрелци на вкупно 14 гола за битолскиот тим.

Во второто полувреме Еурофарм Пелистер си ја држеше предноста, а додаде „гас“ во еден момент за да избега од 20-17 на 24-17 и така веќе ги разјасни дилемите кој ќе слави. Најдобар стрелец кај победникот беше Гоце Ојлески со осум гола, пред Кисум и Хосни со по пет реализации, додека Костески и Суси имаа по четири гола, а кај Тиквеш, Симиќ даде шест, пред Петровиќ со пет гола.

Покрај Еурофарм Пелистер, на завршницата од Купот на Македонија е уште и екипата на Пролет. Останаа уште две финалиња кај мажите, тие се меѓу Вардар 1961 и Скопје, односно Алкалоид и Вардар Неготино од кои победниците ќе ги пополнат двете места на Ф4.

Еурофарм Пелистер – Тиквеш 36-30 (20-17)

Спортска сала „Боро Чурлевски“ - Битола
Гледачи: 1.000
Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски

Еурофарм Пелистер:
Лесјак, Кизиќ, Ристевски, Ојлески 8, Кузманоски, Кисум 5, Хосни 5, Костески 4, Танкоски, Петар Атанасијевиќ 2, Васиљев 2, Суси 4, Пешевски 1, Хенеберг 2, Павле Атанасијевиќ 3, Стевановиќ
Седмерци: 5/3
Исклучувања: 14 минути

Тиквеш:
Брауновиќ, Стојановски, Анастасовски 3, Лазов, Постолов, Темелковски 1, Велков, Стефановиќ 5, Димоски 4, Кондев 1, Окардов, Шулески 1, Коцев 3, Симиќ 6, Хамзиќ 1, Петровиќ 5
Седмерци: 4/3
Исклучувања: 14 минути