Еурофарм Пелистер 2 по пресврт го совлада Прилеп и го освои турнирот „Миле Нешкоски“

Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 се освојувачи на Меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“, откако во битката за трофејот славеа сигурна победа над домаќинот Прилеп со 26-32 (17-15).

Финалната пресметка ги оправда очекувањата на ракометните фанови. Се играше динамично и борбено, двете екипи имаа свои моменти и водството на своја страна, но на крај се радуваа. битолчани. По првите десет минути на семафорот беше 6-6, потоа младите пелистерци влегоа во мини-серија и во неколку наврати имаа позитива од два гола, но домаќинот не попушти и со ефикасен финиш се избори за водство од два гола на полувреме (17-15). 

Прилепчани во грч го отворија второто полувреме и дозволија гостите со серија од 4-0 да поведат со 17-19. Цврстата одбрана и брзиот и сигурен напад ги одлепија гостите од Битола и на  „+4“, а потоа и на предност од шест гола. Домаќинот немаше сили за нова реакција и на крај мораше да се задоволи со второто место на турнирот. Конечниот резултат од финалната средба гласеше 26-32.

Третото место на турнирот во Прилеп го освои тимот на Пролет, кој по пеналите славеше над суперлигашкиот ривал Тиквеш, додека петтото место му припадна на Бутел со победата над Црвена Звезда.