Еурофарм Пелистер 2 одигра моќно и го „растури“ Младост среде Богданци

По стартниот пораз од Металург во Скопје, екипата на Еурофарм Пелистер 2 го запиша вториот триумф во низа во новата сезона на Суперлигата, откако на гости кај Младост Богданци покажа моќ и заслужено со 22-30 собра нови два бода на своето конто. 

  • Компетниот натпревар меѓу Младост Богданци и Пелистер: 

Момците на Александар Јовиќ отворија организирано во двата правци и наметнаа темпо на игра кое им создаде многу проблеми на домаќините. На голот повторно одличен беше Ивановски, а кога беше најпотребно, односно кога се кршеше резултатот, крилото Цветан Кузманоски беше непогрешлив и за десет минути постигна неверојатни шест гола. 

На другата страна, пак, домашните ракометари тргнаа многу самоуверено, а тоа ги натера на многу грешки и рамноправен противник беа само во воведните минути од натпреварот. Откако Еурофарм Пелистер фати залет и на погонот на Кузманоски и Талевски ги казнуваше грешките на противникот, јасно беше каде ќе завршат двата бода. 

На полувреме се замина со позитива на Еурофарм Пелистер 2 од убедливи седум гола (9-16), а ништо не се промени ниту на стартот од вториот дел. Иако Јовиќ го ротираше својот тим, неговите момци не го изневерија и продолжија да го полнат голот на домаќините, па на крај Еурофарм Пелистер 2 извојува сигурна победа од 22-30, втора во низа оваа сезона, по стартниот пораз од Металург во Скопје. 

Прв стрелец во редовите на победничката екипа беше Кузманоски со осум гола, пет постигна Јован Талевски, а по три имаа Арсеновски и Дрогришки. Кај домашната екипа се истакна Лупашко со пет погодоци.