• Горан Упале

Екипата на Еурофарм Пелистер 2 им се врати на победите во ракометната Суперлига, откако на домашен терен во Битола го совлада Куманово со 36-30.
- Комплетниот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Куманово:
Младите битолчани имаа контрола врз резултатот во најголемиот дел од првото полувреме. Куманово само во два наврати успеваше да поведе, додека домаќинот во финишот стигна и до највисоките четири гола предност (16-12). Сепак, наместо мирно да го приведат полувремето до крај, избраниците на Бранислав Ангеловски дозволија гостите да возвратат со серија од 3-0, па на паузата се замина со минимални 16-15.
Во второто полувреме Еурофарм Пелистер 2 повторно го презеде ритамот на играта. Ангеловски се одлучи за напад со седум ракометари, тактиката даде резултат, а домашниот состав постепено ја зголемуваше предноста. Куманово немаше одговор во завршницата, па битолчани без поголеми проблеми ја сочуваа предноста и славеа со конечни 36-30.
За Еурофарм Пелистер 2 ова беше втора победа во пет одиграни натпревари, додека Куманово останува при дното на табелата со само еден освоен бод.
Симоновски со осум гола и Димевски, Лозановски и Гутиќ со по шест беа најефикасни кај победничкиот тим, додека по осум кај Куманово имаа Костов и Радван.







