Еурофарм Пелистер 2 го положи последниот тест и пак ја надигра Струга

Екипата на Еурофарм Пелистер 2, како што ги започна, така и ги заврши подготовките за вториот дел од сезоната во Суперлигата – со победа над тимот на Струга со 29-33.

Младите момци на Александар Јовиќ одиграа уште еден квалитетен тест натпревар и во вториот дел го скршија отпорот на суперлигашкиот ривал. По првиот дел во Струга се играше борбено и израмнето (13-13), додека во вториот 30 минути дојде до израз квалитетот на битолчани, кои беа посигурни во фазата на напад и заслужено славеа со четири гола разлика (29-33).

Јовиќ и за овој дуел не можеше да смета на неколку првотимци. Павле Атанасијевиќ, Филип Арсеновски и Цветан Кузмановски се на подготовки со првиот тим, додека отсутни беа уште неколку ракометари.

Вториот дел од сезоната во Суперлигата започнува на трети февруари, а Еурофарм Пелистер 2 за прв противник ќе го има тимот на Скопје 2020.