Еурофарм Пелистер 2 го „нанижа“ и Прилеп за трет суперлигашки триумф во низа!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 ја забележаа третата победа во низа, откако славеа над Прилеп со конечни 31-28 во натпреварот од дванаесеттото коло во македонската Суперлига. 

  • Комплетниот натпревар помеѓу Еурофарм Пелистер 2 и Прилеп: 

Битолчани одиграа добар натпревар, а дека се одлично расположени покажаа уште во првото полувреме, кога создадоа предност од пет голови (18-13), за во вториот дел рутински да ја доработат задачата и да впишат нови бодови на табелата. 

Прилеп се обиде да стори нешто повеќе, се врати на -3 во 47. минута, но немаше сили за подвиг во салата „Боро Чурлески“. Пелистерци до крајот беа фокусирани и одлучни, што резултираше со сигурен триумф од 31-28. 

Најефикасен во победничкиот тим беше Христијан Митревски со седум гола, по шест постигнаа Мохамед Азиз и Аудифред Баптист, додека на спротивната страна десет голови постигна Димитар Димитриоски.

Во следното коло Еурофарм Пелистер 2 ќе се соочи со Вардар 1961 во Скопје, а екипата на Прилеп ќе има уште едно гостување, овој пат кај тимот на Куманово.