Еурофарм падна во вториот дел и со пораз од Татабања го заврши ЕХФ Купот

Екипата на Еурофарм Работник ја заврши својата авантура на европско тло и на последниот натпревар од групната фаза на ЕХФ Купот забележа пораз од тимот на Татабања од Унгарија (30-27). 

Македонскиот тим благодарение на напорната работа во изминатиов период заслужено обезбеди шест европски натпревари, на кои стекна големо искуство кое сигурно во остатокот од сезоната ќе му помогне за остварување на целите во домашниот шампионат. На истите, забележа пет порази и една победа, пред своите гледачи, извојувана над Нексе. 

Што се однесува до денешниот натпревар на „Ауди Арена“, тренерот Стевче Алушовски повторно не можеше да смета на целиот ростер и мораше да импровизира и да ги штеди силите за остатокот од сезоната. Отсуството на Петровски и Крстевски се одрази и на овој натпревар, додека Чурлевски и Пецаковски, кои по подолгата пауза се вратија на паркетот, добија мала минутажа. 

Сепак, и покрај големите проблеми „фармацевтите“ одиграа супер квалитетен натпревар пред унгарската публика. Особено, беа на ниво во првото полувреме во кое речиси во сите 30 минути го имаа водството во своите раце (12-13), но концентрацијата падна во вториот дел и Татабања ја презеде иницијативата, која резултираше со победа од три гола разлика.

Еурофарм мотивирано го започна мечот и со цврста и подвижна одбрана, како и трпелив напад им создаде проблеми на домашните ракометари. По првите пет минути со головите на Кузмановски, Маркоски и Остроушко на семафорот стоеше од 1-3, но Татабања возврати на идентичен начин и со првиот гол на Вујовиќ за првпат стигна до водство од 3-4. 

Алушовски реагираше со минута одмор, по која неговите ракометари се вратија во колосек и преку Ѓукиќ го презедоа водството (6-7), кое до крајот на првиот дел не го испуштија. Украинскиот бек продолжи да го решета голот на Унгарците и ја чуваше предноста на својот тим, која по првите 30 минути изнесуваше еден гол (12-13). Остроушко со пет гола беше најпрецизен во таборот на Еурофарм, додека по два постигнаа Маркоски, Кузмановски и Граџан. 

И на стартот од вториот дел битолскиот тим продолжи со исто темпо, но една мини-криза која траеше пет минути беше доволна Татабања да казни и за првпат на мечот да поведе со +2 (20-18). Алушовски повика нов тајм-аут, и тргна со 7-6 во напад, но ниту тоа не донесе резултат, па на 15 минути до крајот домаќинот се одлепи на +4 (23-19).

Во продолжение Григораш и Сипош се разиграа, а одличен на голот беше и Чекеј, па Татабања на рутински начин ги одигра последните минути и запиша нова победа, која беше потврда на лидерското место во групата Б. 

Во редовите на Еурофарм најпрецизен беше Остроушко со девет гола, а по четири постигнаа Кузмановски, Ѓукиќ, Граџан и Маркоски. Кај домаќинот прв стрелец беше Григораш со пет гола. 

Со ова учество во една групна фаза на ЕХФ Купот, како и со победата над хрватскиот претставник, Еурофарм испиша историја во македонскиот ракомет, станувајќи единствената екипа која досега има запишано бодови на своето конто во ова натпреварување. Најблиску до овој успех на „фармацевтите“ беше тимот на Макс Струмица, кој беше поразен на сите шест натпревари во групата. 

И покрај петте порази, настапот во второто по ранг натпреварување на ракометна Европа на битолчани може да се окарактеризира како успешен. Не само заради големата битка која ја биеја ракометарите на теренот, туку и поради одличната организација на домашните средби, за која раководството на тимот доби големи пофалби од екипи како Хановер, Татабања и Нексе, кои во последните сезони сигурно чекорат кон врвот на европскиот ракомет. 

ЕХФ Куп, Група Б
ОН П Н И Гол. ГР Форма Бод.
1 ТатабањаТатабања 6 4 1 1 172:154 18 9
2 ХановерХановер 1 6 3 1 2 162:144 18 7
3 Нексе НашицеНексе Нашице 1 6 3 0 3 156:160 -4 6
4 Еурофарм РаботникЕурофарм Работник 6 1 0 5 133:165 -32 2