Еурофарм ќе стартува од Германија, во Битола прв ќе гостува Татабања

Единствениот македонски претставник во ЕХФ Купот, Еурофарм Работник, утрово ги доби противниците во групната фаза од ова натпреварување, и пред битолската публика ќе се судри со Нексе, Татабања и Хановер

Веднаш по ждрепката во Виена, Европската куќа на ракометот (ЕХФ) го објави и распоредот на натпреварите од групата Б. „Фармацевтите“ својот историски прв меч ќе го играат на гости кај Хановер (9 или 10 февруари), а пеколната атмосфера во Битола прв ќе ја почувствува унгарскиот тим Татабања (16 или 17 февруари). 

Потоа, следуваат два натпревари против хрватски Нексе, првиот на гости (23 или 24 февруари), а вториот во Битола една седмица подоцна. Во последната фаза „фармацевтите“ ќе влезат со домашен дуел против Хановер (23 или 24 март), за потоа да гостуваат во Унгарија кај Татабања (30 или 31 март).