ВИДЕО: Еурофарм ја освои Москва и закажа осминафинале со Нексе Нашице!

Ракометарите на Еурофарм Работник ја забележаа првата гостинска победа сезонава на последниот натпревар пред зимската пауза. Во десеттиот натпревар од групата Б на СЕХА лигата, битолчани славеа во Русија против Спартак Москва со 21-31 (11-19) и го потврдија четвртото место во групата. 

Ловро Јотиќ со два гола го отвори натпреварот и најави прва гостинска победа на Еурофарм Работник оваа есен. Битолчани перфектно функционираа во одбраната и лесно погодуваа во нападот.

Со комбинаторна игра преку Граџан и лесни голови од полуконтра на Маџовски во 23. минута предноста достигна +6. Во едно од најубедливите полувремиња годинава, Вегар и Јотиќ го завршија првиот дел со голови за високи 11-19 по 30 минути игра. 

Вториот дел започна со голови на Радовиќ и највисоки +10 за екипата на Божидар Мојсов. Иако домашните ракометари Матвеев и Сазонов се обидоа да парираат, битолчани делуваа стабилно и скоро непогрешливо. Гостинскиот стручен штаб го изротира тимот, шанса добија сите ракометари и многу полесно отколу во Битола, Еурофарм Работник извојува победа од 21-33.

Најефикасни во тимот на Еурофарм Работник беа Граџан со седум, Ѓукиќ со пет и Велковски, Маџовски и Вегар со по четири гола. Кај Спартак Москва се истакна Воиниуш со шест погодоци. Митревски со десет и Чаневски со осум одбрани исто така беа на висина на задачата. 

Еурофарм Работник групата Б на СЕХА лигата ја завршија на четвртото место, зад Веспрем, Мешков Брест и ППД Загреб и во осминафиналето на почетокот на февруари ќе игра двомеч со Нексе Нашице. Ако го мине хрватскиот вицешампион, македонскиот претставник ќе се избори за четвртфинале со бранителот на трофејот, Вардар