Еурофарм ја доби довербата од ЕХФ и стана шестиот мак-клуб во ЛШ!

Ракометната Лига на шампиони по пауза од 14 години се враќа на местото каде беше одигран првиот натпревар во овој формат. Битола, односно салата „Боро Чурлевски“ повторно ќе биде домаќин на европската ракометна елита, откако Еурофарм ја доби довербата од ЕХФ и за првпат во својата историја ќе учествува во ова натпреварување. 

По завршувањето на сезоната Еурофарм заедно со Металург аплицираа за „вајлд-карта“ за настап во Лигата на шампионите, а позитивен одговор од Европската куќа на ракометот доби само битолскиот клуб, што значи дека традицијата продолжува и Македонија пак ќе има два тима во Лигата на шампионите, 

Така, Еурофарм стана шестиот македонски ракометен клуб кој ќе ја претставува нашата држава во ракометната елита, покрај Борец, Јафа, Вардар, Металург и Пелистер. Рекордер во настапи во Лигата на шампионите е Вардар (12 сезони), Металург (10 сезони), Пелистер (пет сезони), а Јафа и Борец играа по една сезона. 

Последен пат, Лигата на шампионите во Битола се играше во сезоната 2005/06 кога Пелистер испадна уште во групната фаза, а во салата „Боро Чурлевски“ на 29 август 1993 година се одигра првиот натпревар од новиот формат на ова натпреварување. Тогаш Пелистер беше домаќин на Целје Пивоварна Лашко и загуби со минимални 22-23.