Еурофарм изненаден, грчки АЕК е победник на Струшкиот турнир

Првпат во историјата една грчка екипа е освојувач на Струшкиот ракометен турнир. Спротивно на сите очекувања АЕК Атина го совлада Еурофарм Работник во натпреварот за трофејот со 27-23 (13-14). 

Грците подобро отворија и поведоа со 1-3, но Јотиќ и Стјепановиќ брзо одговорија. Натпреварот се разгоре, Митревски одбрани неколку топки, па Радовиќ со два гола и Невен Стјепановиќ донесоа прво водство за „фармацевтите“ во 10. минута (6-5). 

Грчкиот ритам целосно беше срушен и кога Радовиќ постигна трет гол, стручниот штаб на АЕК повика тајм-аут. Харалампос со голови од седмерец одржуваше дистанца, Еурофарм делуваше доста променливо и во 22. минута резултатот беше израмнет на 11-11. Стјепановиќ со шест гола во едно полувреме и Митревски со серија на одбрани на Еурофарм му донесоа 14-13 на полувреме.  

Израмнето почна и вториот дел, Граџан постигна три последователни гола, но шпанскиот кружен напаѓач Плаза Хименез возврати со иста мера. Грчката одбрана ги затвори приодите и Домфрис со два гола од контра донесе +2 во 40. минута за тајм-аут на Алушовски. 

Aрсиќ се разбрани на голот на АЕК, Домфрис постигна три неодговорени гола и по осум минути без постигнат гол, Еурофарм веќе заостана со 18-22. Граџан со два гола намали на -2 на осум минути до крајот и наговести вистинска драма. Сепак, битолчани избегаа од ритам и со два гола од контра напад, АЕК го зададе завршниот удар. Грчкиот претставник со пожртвувана игра дојде до победа од 23-27 и сензационално го освои турнирот во Струга.

Најефикасни поединци на натпреварот беа Домфрис со осум гола кај АЕК Атина и Невен Стјепановиќ и Елмир Граџан со по  шест погодоци.