Еурофарм и Општина Битола преговараат за битолско ракометно обединување!

Ракометна Битола е на нозе – започнаа преговорите за големо градско обединување. Gol.mk дознава дека раководството на фармацевската компанија Еурофарм, која е целосен сопственик на вицешампионот Еурофарм Работник, седна на заедничка маса со претставници на Општина Битола, а целта е нов проект кој ќе го обедини битолскиот ракомет.

Идејата е Еурофарм да ги преземе акциите на РК Пелистер, кои се во целосна сопственост на Општина Битола, и доколку дојде до договор – да стане мнозински сопственик и на вториот битолски клуб. Преговорите се во почетна фаза, има многу детали кои треба да се разгледаат и дефинираат, но навивачите се оптимисти и самиот обид за соработка го сметаат за успех.

На маса се важни делови од договорот, како и спортската сала „Боро Чурлевски“, која неопходно е да се реновира за да се играат натпревари од СЕХА лигата и Лигата на шампионите. Иако се работи за стар објект, сепак ако навреме започне проектот на поправање на недостатоците, без никаков проблем салата ќе биде подготвена за европски и регионални натпревари. Денес, на два месеци до дебито во СЕХА лигата, недостатоците се санираат и Битола во овој момент е единствена опција за домашните натпревари следната сезона. 

Како ќе одат преговорите и други важни детали за фукнционирањето на двата клуба ќе дознаеме во деновите кои следат. Ова обединување може да донесе уште еден проект кој има голема иднина. Со подигнување на организационото ниво и зголемување на буџетот, целта веројатно ќе биде ракометна Битола да ја нападне и титулата првак на Македонија.