• Зоран Мишевски
Ракометарите на Еурофарм Работник ќе презимат во Челинџ Купот, откако во двомечот со литванскиот Гранитас Каунас извојуваа две победи и заслужено продолжуваат во осминафиналето. По победата од 28-24 во Битола пред една недела, денес во Каунас битолчани славеа со 23-29 (10-11).
„Фармацевтите“ добро го почнаа мечот и со два гола на Ојлески и по еден на Дрогришки, Чурлевски и Кукоски по првите 12-13 минути одржуваа егал ситуација на семафорот (5-5). Древинскас и Старолис постигнаа по два гола на поставена одбрана, но екипата на Еурофарм Работник одлично ги контролираше работите на паркетот.
Полека се разиграа сите делови од мозаикот на Темелковски, Ивановски меѓу стативите и Граџан на линијата, па во 20. минута, македонскиот претставник поведе со 7-8, по две минути подоцна по контрата на Ојлески и првпат имаа +2. Со одличен финиш, Еурофарм Работник на одмор замина со предност од 10-11.
И вториот дел започна во знакот на Ојлески и Чурлевски, кои погодија во серија за 13-15 во 35. минута. Домаќинот возврати со голот на Урбонас, но тогаш во игра влезе Пецаковски и постигна три гола со кои Еурофарм Работник поведе со највисоки +4 во 50. минута. Колективот функционираше беспрекорно и со многу леснотија македонскиот тим го приведе натпреварот кон крај за финална победа од 23-29.
Најефикасни во екипата на Еурофарм Работник беа Ојлески со 7, Граџан со 5 и Пецаковски со 4 гола, а кај домашниот Гранитас Каунас се истакна Древинскас со 7 гола. Ждрепката за осминафиналето на Челинџ Купот е во вторник во Виена.