Еурофарм без решение за разиграната Татабања за втор пораз во ЕХФ Купот

Екипата на Еурофарм Работник го запиша вториот пораз во премиерното издание на групната фаза на ЕХФ Купот, прв домашен, откако во Битола во преполната сала „Боро Чурлевски“ загуби од Татабања со 21-31 (11-14). 

Лидерот во македонската Суперлига повторно не се покажа во вистинско светло, како што сме навикнати да го гледаме, дефанзивата никако не можеше да го пронајде лекот за високите унгарски ракометари, додека нападот брзоплето губеше топки, кои на крај Еурофарм го чинеше нов пораз, втор по оној во Германија од Хановер

По пропуштениот натпревар во Хановер, Дејан Пецаковски повторно беше надвор од стројот на Чирковиќ, а на трибини остана и организаторот на играта, Филип Чурлевски, кој поради повреда не беше во можност да им помогне на своите соиграчи. Можеби, токму отсуството на битолските ракометари беше одлучувачко за конечниот исхот, и високиот пораз, судејќи по нивното големо искуство во одбраната и креирањето на нападите. 

Мотивираните унгарски ракометари подобро го започнаа мечот и со два брзи гола на Григорас и Врањеш ја отворија мрежата на Еурофарм, за почетно водство од 0-2. Мразот за „фармацевтите“ го скрши новото засилување Остроушко со „бомба“ од девет метри (1-2).

Следуваше нов лош период за битолскиот клуб, но во вистински момент прорабти врската Стјепановиќ-Кузмановски за намалување на водството на Татабања од еден гол (3-4). По двете промашувања во низа, најдобриот стрелец на Еурофарм, Милан Ѓукиќ двапати го пронајде патот до гостинската мрежа и не дозволи ново резултатско одлепување на гостите, па по 15 минути игра на семафорот стоеше 6-8. 

Лошата координација во одбраната го натера Чирковиќ да направи голманска измена и шанса да му даде на искусниот Трајковски, но ниту тој не успеа да ја консолидира дефанзивата, па при водство на Татабања од 7-11 следеше тајм-аут за битолскиот клуб. 

Советите на српскиот стратег вродија со плод, и Еурофарм за само неколку минути намали на 9-11, а најзаслужен за тоа беше Горан Крстевски (гол и изнуден пенал). До крајот на првиот дел конфузијата во домашната одбрана продолжи, па гостите на пауза заминаа со предност од три гола разлика, 11-14. 

Вториот дел започна катастрофално за битолчани. Одбраната беше далеку под своето ниво, додека нападот безидеен, а тоа резултираше со пост од седум минути, кој го прекина босанскиот кружен напаѓач Граџан за намалување на водството на Татабања од 12-18. Искусниот Маркоски, поради груб старт заработи директен црвен картон, и се упати кон трибините, што му нанесе нов удар на тренерот Чирковиќ, на 20 минути од крајот на мечот. 

Единствена светла точка кај Еурофарм Работник во второто полувреме беше Остроушко, кој во неколку наврати ја презеде иницијатива и ја тресеше гостинската мрежа, но немаше соодветна поддршка од соиграчите, па поразот беше неизбежен. Во последните 10 минути од мечот се влезе со предност на Татабања од седум гола, разлика која на крај прерасна до десет за конечни 21-31.

Прв стрелец во редовите на домашната екипа беше Остроушко со девет гола од 12 обиди, додека по три постигнаа Кузмановски и Граџан. Во таборот на победничката екипа четворица ракометари реализираа по пет гола (Вујовиќ, Јухаж, Роста и Григораш). Следен предизвик за „фармацевтите“ е дуелот против Нексе Нашице, кој се игра наредниот викенд во Хрватска
 

ЕХФ Куп, Група Б
ОН П Н И Гол. ГР Форма Бод.
1 Нексе НашицеНексе Нашице 4 3 0 1 108:99 9 6
2 ТатабањаТатабања 4 2 1 1 113:101 12 5
3 ХановерХановер 4 1 1 2 101:105 -4 3
4 Еурофарм РаботникЕурофарм Работник 4 1 0 3 89:106 -17 2

Најнови вести од
EХФ Куп (М)