Есбјерг промаши шут за израмнување, Сандра Тофт го прати Ѓер во финалето!

Ракометарките на унгарскиот гигант, Ѓер, успеаја да го совладаат тимот на Есјберг со 24-23 во првото полуфинале на завршниот турнир во Лигата на шампионите и обезбедија пласман во мечот за шампионската титула. 

Унгарките уште во првиот дел најавија дека се со поголема мотивација од ривалот и постепено ја зголемуваа предноста, а на паузата водеа со четири гола разлика, 9-13. Надин Шацл беше во одличен ритам во првото полувреме и беше меѓу најзаслужните за позитивниот резултат на нејзиниот тим. 

Есбјерг малку забревтано го започна второто полувреме, а Ѓер го искористи моментот и поведе со највисоки 18-12, но потоа данскиот состав успеа да се врати на само „минус два“ во 47. минута и внесе поголема неизвесност за последните десет минути. Унгарките делуваа малку дезорганизирано во периодот околу 55. минута, Есбјерг успеа да дојде и на минимална негатива (22-23), а веднаш потоа пропуштија и можност за израмнување откако Брејстол ја погоди пречката од празниот гол на Ѓер. 

Унгарките реализираа во следниот напад, поведоа со 22-24, но Есјберг не се предаде и постигна уште еден гол, а потоа имаше и шут за израмнување, но феноменалната Сандра Тофт одбрани буквално во последната секунда и го испрати својот тим во мечот за титулата. 

Најефикасна ракометарка во победничкиот состав беше Естел Нзе Минко со шест гола, додека Нора Морк имаше ист учинок на спротивната страна. Ѓер во големото финале ќе го чека подобриот од дуелот помеѓу францускиот Мец и германскиот Битигхајм.