• Горан Упале
Екипата на Нант приреди вистинска сензација во Лига на шампиони, откако во првиот осминафинален натпревар од плеј-офот славеше на гостувањето кај ГОГ Гудме со 33-34 (19-16), и тоа по драматичен пресврт во самиот финиш.
Францускиот состав до победата дојде на неверојатен начин, имајќи предвид дека на само две минути до крајот имаше негатива од два гола. Сепак, не се предаде и со храбра игра во завршницата стигна до целосен пресврт.
Во првото полувреме, домаќинот беше поефикасен и постигна 19 гола, но и Нант беше напаѓачки расположен, па на паузата резултатот гласеше 19-16. Ефикасноста продолжи и во вториот дел, а ГОГ Гудме во еден момент имаше и максимални шест гола предност. Сепак, драмата кулминираше во последните минути.
Данскиот тим влезе во финишот со водство од 33-31 и се чинеше дека сигурно ќе ја приведе средбата кон победа. Но, тогаш следуваше шок – Нант постигна три гола во низа за нешто повеќе од една минута и направи целосен пресврт за конечни 33-34. Со оваа херојска победа, францускиот тим стекна значајна предност пред реваншот кој се игра на осми април.
Турна и Бос со по седум гола беа предводници на Нант, додека за домашниот состав единаесет гола постигна Бјер.






