ЕП 2012: Борко го „маѓепса“ голот, Македонија слави историско петто место (ВИДЕО)

Веќе подолг период ракометната репрезентација на Македонија е дел од елитата и редовен учесник на континенталните и планетарните собири. Сè започна во 1998 година, кога историската генерација предводена од Пепи Манасков за првпат ја претстави Македонија на светската ракометна мапа и учествуваше на Европското првенство во Италија

Од тогаш, започнува македонската ракометна приказна, која од година во година, од генерација во генерација се усовршуваше и својот врв го достигна во 2012 година. Европското првенство во Србија засекогаш ќе биде врежано во македонските срца, не само заради историското петто место, туку и поради испуштената шанса за првпат да играме во едно полуфинале. 

На тој собир нашите ракометари во Ниш, а потоа и во Белград се чувствуваа како дома. Трибините беа претесни за македонската фаланга, а Лазаров, Мојсовски, Миркуловски, Алушовски, Ангеловски, Темелков и останатите пулени на селекторот Звонко Шундовски изгинаа на паркетот и одиграа незаборавен турнир, кој уште долго време ќе се прераскажува.

<<< ПОВРЗАНО - Патот до петтото место на ЕП во Србија: Ремито со Шведска беше најава за историскиот успех (ВИДЕО)

<<< ПОВРЗАНО - Патот до петтото место на ЕП во Србија: Германија едвај нè победи, па се радуваше како за медал (ВИДЕО)

<<< ПОВРЗАНО - Патот до петтото место на ЕП во Србија: Миркуловски „изгина“, Чешка удри во македонскиот ѕид (ВИДЕО)

<<< ПОВРЗАНО - Патот до петтото место на ЕП во Србија: 13-ка за Лазаров, Данска ни го нанесе најболниот пораз во историјата (ВИДЕО)

<<< ПОВРЗАНО - Патот до петтото место на ЕП во Србија: Борко ја „спушти ролетната“, Македонија ја реши Полска (ВИДЕО)

<<< ПОВРЗАНО - ЕП 2012: Србија падна во Белград, Лазаров обезбеди борба за петто место (ВИДЕО)

Иако болката од поразот против Данска беше голема (поради кој не се пласиравме во полуфиналето), нашите момци максимално ги искористија своите шанси во втората групна фаза и обезбедија борба за петтото место на овој собир. За противник ја имавме Словенија, која одигра одличен турнир, но како да остана без сили во финишот и им се поклони на избраниците на Звонко Шундовски.

Ако на претходните натпревари покрај Лазаров, блескаа Мојсоски, Миркуловски, Алушовски, на историскиот натпревар од втор план се разигра Стоилов, кој им направи големи проблеми на Словенците на линијата за шест метри и со шест гола ги собра аплаузите, а на голот фантастичен беше и Ристовски. Кога беше најпотребно, односно во последниот напад Борко мајсторски го затвори аголот при ударот на Скубе и не дозволи израмнување од 28-28 и на Македонија ѝ обезбеди петто место и квалификации за Летните Олимписки Игри. 

  • Најдобрите моменти од натпреварот Македонија - Словенија: 

Лазаров со осум гола беше најпрецизен во македонскиот табор, Стоилов реализира шест, Алушовски четири, по три постигнаа Миркуловски и Темелков, два запиша Наумче Мојсовски, а по еден реализираа Димовски и Филип Лазаров.

Составот на Македонија против Србија: 
Борко Ристовски, Петар Ангелов; Стевче Алушовски, Дејан Манасков; Златко Мојсоски, Влатко Темелков; Бранислав Ангеловски, Наумче Мојсовски, Филип Миркуловски, Филип Лазаров, Кирил Лазаров, Влатко Митков; Ацо Јоновски, Велко Маркоски, Стојанче Стоилов и Ванчо Димовски.
Селектор: Звонко Шундовски