Елверум немоќен во Франција, Чупиќ донесе прекин на постот за ППД Загреб во ЛШ

Монпелје

Монпелје не застанува и со новата победа над Елверум (39-32) се зацврсти на првото место во групата А во Лигата на шампионите. Францускиот тим одигра уште еден рутински натпревар на домашен терен. Серијата победи ја продолжи против норвешкиот првак, кој немаше квалитет да му се спротистави на тимот предводен од Патрис Канаје. 

  • Монпелје - Елверум 39-32:

Почетното испитување на силите донесе тесно надигрување. Домашните ракометари започнаа да се одлепуваат и да го користат заморот кај ривалот пред паузата. Со неколку гола во низа направија прва посериозна предност, која по воведниот половина час изнесуваше 19-16. Вториот дел донесе идентична слика, со оглед на тоа што Монпелје одигра доволно за да ги обезбеди бодовите. Елверум во ниту еден момент не беше закана за позитивниот резултат на домаќинот. Уго Деска беше феноменален и постигна единаесет погодоци за францускиот клуб. Тобиас Грендл кај гостите се истакна со седум погодоци.

Хрватскиот шампион ППД Загреб конечно победи во Лигата на шампионите и ја прекина серијата која гласеше 23 меча без успех во елитното натпреварување. „Плинарите“ пред своите гледачи го надиграа Мешков Брест (31-24), за прв триумф во тековната сезона.

  • ППД Загреб - Мешков Брест 31-24:

Ветеранот Иван Чупиќ беше најефикасен кај домашниот ростер со осум гола, а го следеше Звонимир Срна со седум реализации. Јака Малуш со шест гола беше најдобар кај белорускиот претставник.