Елверум му избега на Вардар, Динамо Букурешт го шокира Веспрем

Норвешки Елверум направи мало изненадување, славеше на гости кај Мешков Брест (25-30) и така му избега на Вардар на табелата во групата А од Лигата на шампионите.

Елверум имаше добро прво полувреме во кое обезбеди предност од три гола (11-14), која константно се одржуваше во вториот дел. Во еден момент норвешкиот шампион имаше и предност од шест погодока, инаку највисока на мечот.

Прво име кај норвешкиот тим беше Грондал со девет гола, пред Јохансон и Хелдал со по пет реализации, додека кај Мешков, Врањеш имаше седум, а Кашпарек пет гола од пет обида.

Екипата на Динамо Букурешт направи големо изненадување и на домашен терен го совлада унгарскиот гигант Веспрем (31-29) кој важеше за голем фаворит. Романскиот клуб имаше предност од четири гола во финишот (27-23), но Веспрем влезе во серија, се врати и приреди неизвесен финиш. Двапати беше изедначено, 27-27 и 28-28, но со два гола во финишот на Јонеа се решија дилемите околу победникот.

Прв кај романскиот шампион беше перфектниот Јонеа со седум гола од седум обида, пред Кампос со шест гола, додека кај Веспрем во чии редови не играше Дејан Манасков поради повреда најмногу се истакна Ненадиќ со осум гола.