• Иван Димовски
Ракометната легенда Никола Карабатиќ по крајот на сезоната заминува во спортска пензија.
Францускиот бек кој во април полни 40 години ќе го одигра својот последен натпревар на 31 мај против Екс Прованс во рамките на француското првенство. Доколку ПСЖ не се пласира на завршниот турнир во Лигата на шампионите, дуелот на парижани со Екс Прованс ќе биде последен во сезоната.
За тој натпревар ПСЖ експресно продаде 10.000 билети за трибините во „Акор Арената“. Иако има уште месец и половина до тој натпревар, веќе две третини од целосниот капацитет (собира 15.600) се исполнети.
Што се однесува до трката во Лигата на шампионите, ПСЖ во четвртфиналето налета на Барселона и патот до „фајнал-фор“ турнирот е навистина тежок. Инаку, за Карабатиќ ќе заврши само клупската кариера, бидејќи летово ќе го има своето простување на Олимписките игри во Париз играјќи за репрезентацијата на Франција.