Екс-вардарецот Шишкарев се врати во редовите на Чеховски Медведи

Поранешниот вардарец, Данил Шишкарев пронајде нов клуб откако го раскина договорот со Веспрем ова лето. 

Руското крило следната сезона ќе ја мине во редовите на Чеховски Медведи, враќајќи се во домашното првенство. Шишкарев токму од редовите на „мечките“ од Чехов во 2014 година прејде во Вардар, откако мина пет години во клубот. 33-годишникот сега парафира едногодишна соработка, а го изнесе и своето мислење за новиот ангажман. 

„Летово мојот договор со Веспрем беше раскинат по взаемен договор со клубот. Добив понуда од Чеховски Медведи и секако ја прифатив. Овој тим ми е добро познат. Има голема традиција и ќе играме во Европската лига на ЕХФ. Исто така, шансата да работам под водство на Владимир Максимов ќе биде добро искуство за мене“, смета Шишкарев. 

Шишкарев играше шест сезони во Вардар, со кој успеа два пати да дојде до трофејот во Лигата на шампионите, а освен во Скопје, Чехов и Веспрем настапуваше и за Астрахан. Во редовите на репрезентацијата на Русија, Шишкарев запиша 125 настапи и постигна 320 гола.