• Иван Димовски

Српскиот интернационалец Немања Обрадовиќ кариерата ќе ја продолжи во редовите на Партизан. „Црно-белите“ го обезбедија потписот на искусниот бек кој зад себе има големо искуство, а своевремено настапуваше со успех и во Суперлигата на Македонија.
Поранешниот ракометар на Металург и Еурофарм Пелистер ја задолжи опремата на Партизан, по авантурата која ја имаше во Татабања. Обрадовиќ настапуваше за пелистерци во 2022 година, кога заедно со уште неколку ракометари се пресели во унгарскиот табор. Тој ги покрива позициите среден или лев бек и ќе биде капитално засилување за екипата на Ѓорѓе Чирковиќ во трката за титулата во Србија.
Обрадовиќ првите професионални чекори ги направи во Металопластика, од каде прејде во Валенс, а од 2017 до 2019 со успех тресеше мрежи за Металург. Потоа следеа неговите најголеми ангажмани во кариерата, играјќи за Висла Плок и Мешков Брест, пред да се врати во Македонија и да заигра за Еурофарм Пелистер.
Во кариерата Немања Обрадовиќ има и настапи за репрезентацијата на Србија, од 2017 година досега одигра 20 натпревари и постигна 26 погодоци.