• Горан Упале
По четири години пауза, Вардар повторно ќе биде дел од европскиот ракометен крем. „Црвено-црните“ добија вајлд-карта од Европската ракометна федерација за настап во Лигата на шампионите во сезоната 2026/27.
Македонскиот шампион зад себе има богата историја во најквалитетното европско натпреварување. Вардар двапати се искачи на европскиот трон, во 2017 и 2019 година, а ЕХФ во својата најава посебно го истакна клубот од Скопје и неговите најголеми успеси на меѓународната сцена.
Последниот настап на Вардар во Лигата на шампионите беше во сезоната 2021/22. По четиригодишно отсуство, „црвено-црните“ повторно ќе имаат можност да се надигруваат со најдобрите европски клубови и да го вратат Скопје на големата ракометна мапа.
Во новата сезона Лигата на шампионите ќе брои 24 екипи, кои ќе бидат поделени во шест групи со по четири тима. Тоа значи дека Вардар повторно ќе има можност да игра натпревари од највисоко европско ниво пред своите навивачи.



