ЕХФ потврди: Македонија – Турција ќе се игра во салата „Младост“ во Битола

По пауза од цели 15 години, македонската ракометна репрезентација конечно се враќа во најракометниот град, Битола. Како што најави Gol.mk пред еден месец, избраниците на Раул Гонзалез домашниот дуел од квалификациите за ЕП 2020 година против соодветната селекцијата на Турција ќе го играат во спортската сала „Младост“ во Битола. 

Оваа информација ја потврди и ЕХФ на својата официјална интернет страница, и по јуни 2003 година повторно ќе се игра репрезентативен ракомет во салата која во минатото ги вдомуваше најдобрите светски селекции и клубови. Токму заради овој настан, битолските власти веќе започнаа со планираното реновирање на салата, како би ги исполнила строгите критериуми на ЕХФ. 

Од осамостојувањето цели десет години репрезентацијата на Македонија најчесто своите  домашни натпревари ги играше во спортската сала „Младост“ во Битола. Веднаш по мечот со Турција, следи гостувањето во Грција на 28 октомври. Европското првенство во 2020 година заеднички ќе го организираат Австрија, Норвешка и Шведска

Дуелот против Турција е закажан за 25 октомври со почеток од 20:15 часот.