• Сашо Поповски

Македонија првпат по далечната сезона 2000/01 нема да има претставник во Лигата на шампионите. Тоа го потврди Европската ракометна федерација, која ги откри имињата на пријавените клубови за претстојната сезона во елитното натпреварување.
На местото на Вардар 1961 ќе игра еден од тимовите кои аплицирале за „вајлд-карта“. Шанса да се надигрува меѓу најдобрите во Европа нема да добие Еурофарм Пелистер, кој заврши на второто место во Суперлигата зад „црвено-црните“. Загарантираната позиција за место во групата заради шестото место на ранкинг е изоставена без објаснување, па нашиот рејтинг вртоглаво паѓа и факт е дека во иднина ќе биде многу тешко да се најдеме меѓу елитата. Втора година по ред Македонија губи европско место заради нечисти сметки и заостанати долгови.
ЕХФ објави дека вардарци нема да учествуваат во Лигата на шампионите поради нерасчистени долгови. Двојниот европски првак ги прекршил критериумите, што беше потврдено на последниот состанок на Извршниот комитет.
Барселона, ПСЖ, Магдебург, Кил, ПИК Сегед, Киелце, Порто и Динамо Букурешт имаат загарантирано место. Дополнително пријавени се вицешампионите Алборг, Гранољерс, Нант, Веспрем, Виска Плок, Спортинг и Баја Маре. За „вајлд-карта“ апликации до ЕХФ пристигнале од националните прваци ППД Загреб, Елверум, Иштад, Мотор Запорожје, Кадетен Шафхаузен и Целје Пивоварна Лашко.