ЕХФ потврди: Еурофарм Пелистер во конкуренција на дванаесет тима за седум „вајлд-карти“ во ЛШ

Европската ракометна федерација ги потврди најавите, односно тимовите кои веќе имаат сигурно место во следната сезона на Лигата на шампионите, како и оние кои бараат „вајлд-карта“. 

Сигурни во европската елита се Барселона, Алборг, ПСЖ, Магдебург, Фуксе Берлин, Веспрем, Колштад, Висла Плок и Спортинг. Преостануваат уште седум слободни места во двете групи од по осум клуба учесници. 

Меѓу клубовите кои аплицираа за „вајлд-карта“ беше и македонскиот првак Еурофарм Пелистер. Битолчани влегоа во конкуренција од 12 екипи кои побараа посебна покана од ЕХФ за учество во следното издание на Лигата на шампионите. Од дванаесетте барања, седум клуба ќе добијат „зелено светло“. 

Освен Еурофарм Пелистер, „вајлд-карта“ побараа неколку гиганти кои се во пол-позиција како Киелце, ПИК Сегед, Нант... Покрај наведените клубови, шанса преку системот на посебна покана за учество во елитното натпреварување побараа Загреб, Фредериција, Бидасоа Ирун, Елверум, Порто, Динамо Букурешт, Татран Прешов и Кадетен Шафхаузен.

ЕХФ ќе ја соопшти одлуката на 19 јуни (среда), по што ќе бидат познати и шеширите за ждрепката на групите во Лигата на шампионите која е закажана за 27 јуни.