ЕХФ планира да дозволи навивачи на завршниот турнир во ЛШ и Европското првенство!?

Прашањето на кое долго време нема да има одговор е кога навивачите ќе добијат можност повторно да се вратат на трибините. Не само во ракометот, туку и во сите други спортови кои значително се оштетени од пандемијата која владее низ целиот свет.

Стравот од нов бран на вирусот ковид-19 стои на патот на федерациите да дозволат присуство на гледачи за време на настаните, кои до крајот на годината ќе бидат одиграни во вонредни услови.

Сепак, Европската ракометна федерација (ЕХФ) наводно планира тоа да не е случајот на настаните кои се под нејзина организација. Последните информации велат дека ќе биде дозволено присуство на навивачи на завршниот турнир во Лигата на шампионите и Европското првенство во женска конкуренција кои се закажани за декември оваа година.

Тоа го изјави Дејвид Слезак, шефот на маркетинг секторот на ЕХФ, кој за германски „Handballwoche“ рече:

„Како што е моменталната ситуација со пандемијата, веруваме дека Ф4 турнирот во Келн и Европското првенство за жени во Данска и Норвешка, може да се организира со гледачи“.

Женскиот континентален собир треба да се одржи од 3 до 20 декември, а завршницата во Лигата на шампионите на 28/29 на крајот од истиот месец.