ЕХФ отпочна истрага за расизам на финалето во Охрид!

Европската ракометна федерација (ЕХФ) соопшти дека започнала официјална истрага по наводите за расистички навреди упатени кон ракометарот на Татабања, Баптист Даматрен, за време на реванш-финалето од ЕХФ Европскиот куп одиграно во Охрид.

Во официјалното соопштение, ЕХФ нагласува дека е запознаена со инцидентот кој наводно се случил од трибините за време на натпреварот меѓу ГРК Охрид и Татабања, а во кој цел на навредите бил францускиот ракометар на унгарскиот тим.

„Во европскиот ракомет нема место за расизам. Како организација остро ги осудуваме сите форми на расизам, дискриминација и нетолеранција. Ваквото однесување кон играчи, официјални лица или гледачи е неприфатливо и нема да биде толерирано“, се наведува во реакцијата на Европската ракометна федерација.

Од ЕХФ информираат дека ќе бидат разгледани сите околности поврзани со случајот, по што ќе биде донесена одлука дали ќе се отвори дисциплинска постапка и дали ќе следуваат дополнителни правни мерки. ЕХФ повторно потенцира дека борбата против расизмот и дискриминацијата останува еден од нејзините приоритети и дека секој пријавен случај ќе биде темелно разгледан.