ЕХФ најави службени победи на Еурофарм Пелистер и Металург, одлуката на 26 февруари

Европската ракометна федерација објави дека на 26 февруари ќе ја донесе одлуката за неодиграните натпревари од групната фаза на Европската лига. Од европската ракометна централа наговестуваат дека само уште следната недела ќе се играат заостанати натпревари, а потоа на втори март ќе се одигра комплетното десетто последно коло. Преку овој термин нема да се надополнуваат натпревари од групната фаза.

Сепак, се наведува дека веројатно ќе бидат регистрирани службени победи на некои од натпреварите, па така на зелена маса може да се креираат табелите во некои од групите. Македонските клубови ќе профитираат од оваа одлука и се очекува Еурофарм Пелистер да добие службени 10-0 против Рајн Некер Левен и Металург да слави по службен пат против Тулуз. Пелистерци сигурно ќе ја поминат групата, а клубот од Автокоманда има само теоретски шанси. 

Исто така се очекува голема збрка во групата Ц, група која вкрстува со Еурофарм Пелистер и од која треба да произлезе противникот на битолчани.

На службен начин треба и Вардар да впише победа против Флензбург, а можеби и против ПСЖ, па ќе напредува на табелата во групата на Лигата на шампионите.