• Иван Димовски
Европскиот Куп на ЕХФ сезонава ќе има три македонски претставници. На првата ждрепка Тиквеш го дозна својот противник во првото коло на натпреварувањето. За разлика од кавадарчани кои добија „вајлд-карта“, Алкалоид и Охрид кои беа трети и четврти во Суперлигата на Македонија ќе играат директно во второто коло.
Алкалоид кој минатата сезона беше дел од групите на Европската лига, во второто коло на ЕХФ Купот има улога на носител, додека Охрид беше во подредена улога пред извлекувањето.
Среќата посака охриѓани да одат на двомеч против противник од Романија, додека Алкалоид ќе се судри со Клаипеда од Литванија.
Парови на македонските машки клубови во ЕХФ Купот:
Алкалоид - Драгунас Клаипеда
Охрид - Потаиса Турда
Освен противниците на Алкалоид и Охрид, се влечеше и против кој би играл Тиквеш ако го мине првото коло. Доколку го добие двомечот со Драма од Грција, екипата на Тиквеш во втората рунда оди на мегдан со норвешки Арендал.
Натпреварите од втората рунда на Европскиот Куп на ЕХФ се на програмата на 19/20 и 26/27 октомври. И Алкалоид и Охрид прво ќе играат дома, па на гости во двомечот.