• Мартин Танасковски
Европската ракометна федерација (ЕХФ) го затвори случајот околу неодиграниот реванш натпревар од финалето на ЕХФ Европскиот куп меѓу РК Алкалоид и АЕК Атина, кој требаше да се одигра во Скопје.
По детална анализа на настаните, ЕХФ изрече санкции за двата клуба. Македонскиот претставник РК Алкалоид доби парична казна од 5.000 евра поради тоа што не успеа да обезбеди доволен контингент билети за гостинските навивачи, што е обврска согласно пропозициите на ЕХФ.
Многу посериозни последици има за грчкиот тим. АЕК е казнет со 20.000 евра затоа што не се појави на натпреварот во Скопје, со образложение за наводни безбедносни ризици. Дополнително, ЕХФ го суспендира клубот од европски натпреварувања за две сезони – од кои едната е условна, што значи дека ќе стапи на сила само во случај на нов прекршок.
Веќе претходно, Европската федерација го регистрираше натпреварот со службен резултат 10-0 во корист на Алкалоид, кој со тоа е и официјално прогласен за шампион во ЕХФ Европскиот куп за сезоната 2024/25.
Со оваа одлука, ЕХФ ја затвора оваа несекојдневна епизода од своето натпреварување.