ЕХФ го најави дебито на Алкалоид: „Млад тим кој лета со крилата на победничкиот менталитет на Лазаров“

Ракометниот клуб Алкалоид ќе дебитира во Европската лига на ЕХФ, откако во дебитантската сезона во македонската Суперлига се избори за второто место. Младиот колектив од Автокоманда се подготвува за првиот историски европски предизвик, а посебно внимание доби од страна на Европската ракометна куќа. 

ЕХФ формира текст за најава на учеството на Алкалоид во групите на своето второ по ранг натпреварување. Секако, во прв план беше ракометната легенда Кирил Лазаров кој е предводник на тимот, а тој кажа:

„Настапот во Европската лига за нас како клуб е ново поглавје и искуство. Ќе играме против одлични ривали. Нашата цел е да се подготвиме за секој натпревар. Сакаме да влегуваме во мечевите со позитивни мисли и победнички менталитет, бидејќи сепак ја претставуваме и нашата земја во Европа. Ќе се обидеме да се презентираме себеси како компетитивен тим кој никогаш не се откажува. 

Многу е важно за да се има квалитетен и компетитивен национален тим, да имате силни клубови во домашното првенство. Особено каде што македонските играчи имаат клучна улога“.

Покрај македонскиот селектор и тренер на Алкалоид, внимание се обрати и на младиот бек Игор Ѓорѓиев. Репрезентативецот кој е капитен на тимот ги откри своите очекувања.

„Имаме големи амбиции како тим. Ќе го искористиме секој натпревар за да дадеме максимум и да се презентираме во добро светло. Нашиот тренер е роден победник и најголема македонска легенда. Работиме добро, а Лазаров се обидува да ни го наметне победничкиот менталитет. Пресреќни сме за можноста да учиме од него на секој тренинг и натпревар. Градиме доверба меѓусебе, играчите и стручниот штаб. Ова е процес на заедничка секојдневна работа и чест ми е да бидам капитен на ваков млад тим со огромен потенцијал“, изјави Ѓорѓиев.

Освен Ѓорѓиев, ЕХФ во приказната го вклучи и најискусниот во тимот, новајлијата Арнауд Бинго. 35-годишното лево крило дојде во Алкалоид по повик од Лазаров, а сега го изнесе мислењето за колективот.

„Алкалоид е тим кој има неверојатен потенцијал, многу млади ракометари полни со талент и професионализам. Тие успеаја да завршат како втори во Суперлигата пред Вардар. Тоа ме убеди да го прифатам повикот да се приклучам на клубот, особено што истиот дојде од Кирил. Се познаваме одамна, игравме многупати еден против друг во француското првенство. Чест ми е што денес го носам овој дрес и ги бранам клупските бои“, призна Бинго.

Арнауд Бинго беше еден од четирите новајлии летово во таборот на Алкалоид. Покрај него, пристигна уште еден интернационалец, голманот Алехандро Ромеро, како и домашните засилувања Мартин Велковски и Стефан Стојчевиќ.

Европската лига на ЕХФ стартува во втората половина на октомври. Дебито на Алкалоид ќе биде на домашен терен против екипата на Војводина, а потоа следи гостување кај Ла Риоха. Во третото и четвртото коло Алкалоид го чека двомеч со Бјерингбро/Силкеборг, па гостински меч кај Војводина и затворање на групата дома со Шпанците.