ЕХФ донесе одлука: Македонија без директно место во проширената Лига на шампиони!

Извршниот комитет на Европската ракометна федерација на својот состанок во Ротердам во саботата, го отвори патот за нова ера на европскиот клупски ракомет. Веќе е познато дека Лигата на шампионите од следната сезона ќе се прошири на 24 екипи и ќе се воспостави нов формат. Извршниот комитет го потврди системот за распределба на местата за елитното натпреварување. Основата за распределбата е рангирањето на федерациите за клупските натпреварувања, вклучувајќи ги резултатите од сезоните 2022/23, 2023/24 и 2024/25.

Федерациите рангирани од првото до десеттото место имаат едно фиксно место во Лигата на шампионите. За следната сезона овие федерации се Германија, Шпанија, Франција, Данска, Полска, Унгарија, Романија, Португалија, Хрватска и Норвешка. Тоа значи дека Македонија нема да има место за директен пласман во Лигата на шампионите, туку шампионот шанса ќе бара преку „вајлд-карта“.

Секоја од овие десет најдобри федерации има право да побара до две дополнителни „вајлд-карти“, а ЕХФ ќе може да додели најмногу осум. Бројот на тимови по федерација е ограничен на максимум три. 

24-те екипи ќе бидат поделени во шест групи по четири екипи, од кои дванаесет ќе се пласираат во главната рунда, а останатите дванаесет продолжуваат во 1/16 финалето од Европската лига. Ждрепката за групите ќе се одржи на 26 јуни во Виена.