Египет загуби во драматичен финиш, Шпанија слави бронза во Токио

Ракометарите на Шпанија си обезбедија бронзен медал на Олимписките игри во Токио, откако со 33-31 (19-16) го победија Египет на Роберто Парондо. Египќаните не успеаја да дојдат до историски медал на овој турнир, иако одиграа храбро и до самиот финиш се бореа за одличјето. Искуството го направи своето и избраниците на Рибера успеаја да победат во драмата. 

Натпреварот започна отворено, Шпанија прва поведе, а Египќаните веднаш се вратија и го свртеа резултатот. До пред полувремето се играше гол за гол, „фуријата“ беше во подобра позиција и успеа да се одлепи на +3. Токму со највисоката предност во првиот дел, Шпанија замина на паузата (19-16).

По полувремето, Египет на Парондо успеа да се врати во игра. Ја „стопи“ малата предност на ривалот и дојде до егал. Шпанците одново беа тим кој често водеше, но пак се играше гол за гол, со константно израмнување на резултатот. 

Двете репрезентации играа целосно изедначено, голманите беа на ниво и на секоја одбрана на Де Варгас, одговараше Карим Хендави. На нешто повеќе од три минути пред крајот на натпреварот, Шпанија успеа конечно да се одбрани и го материјализираше тоа, поведувајќи со два разлика. 

Сепак, проблеми за Рибера беше третото исклучување на Гвардиола и црвениот картон. Египет анулира гол негатива, а Шпанците два пати реализираа и со човек помалку играјќи со празна мрежа. Поранешниот вардарец, Алекс Душебаев беше еден од најдобрите во финишот,  го постигна можеби и клучниот гол и тоа на атрактивен начин. 

Најефикасен играч на натпреварот беше Гомез Абељо со осум погодоци, колку што даде и Елахмар од Египет. Карим Хендави имаше одличен втор дел со 12 интервенции, кои беа недоволни за својата селекција, а Гонзало Де Варгас фати девет удари.