• Горан Упале
Ракометната селекција на Египет забележа огромна победа на ракометниот олимписки турнир, откако ја доби драмата со Норвешка (25-26) и со тоа значително си ги зголеми шансите за пласман во втората фаза.
Со оглед на досега прикажаното на турнирот, Норвешка со право ја имаше улогата на фаворит на овој дуел. Европската селекција во оваа битка влезе со „три од три“, додека четвртата репрезентација од последните Олимписки игри играше променливо со скор од една победа, едно реми и еден пораз.
Но, фаворитската улога на Норвежаните остана само на хартија, бидејќи на парискиот паркет се водеше голема борба. Во поголемиот дел од првото полувреме Скандинавците имаа предност, во неколку наврати и со највисоки три гола. Сепак, во финишот Египет влезе во серија и за избори за гол предност на пауза (13-14).
Неизвесно и со многу пресврти беше и во продолжението. Во второто полувреме Норвешка прва дојде до водство од два гола (21-19), но „фараоните“ одново кога беше најпотребно додадоа гас, влегоа во нова серија и на крај заслужено славеа со 25-26.
Рајнкинг и Омар Јахиа со по седум гола беа најпрецизни ракометари на натпреварот. Во следното коло Норвешка го игра големото дерби со перфектната Данска, додека противник на Египет ќе биде аутсајдерот Аргентина.