ЕХФ донесе одлука: Ф4 во Келн презакажан за во август

Во моментите кога целиот свет, а особено Европа, се бори да се справи со ширењето на коронавирусот, речиси никому не му доаѓа на памет како ќе се завршат спортските натпреварувања. 

Со оглед на оваа состојба, Европската ракометна федерација (ЕХФ) ја презеде својата одговорност како раководно тело во европскиот ракомет и презентираше план како да се доиграат шампионатите од оваа сезона, кои се под нејзино покровителство. 

Иако не може да се каже дека оваа одлука ќе биде официјална, од ЕХФ размислуваат со ракомет да се започне од почетокот на јуни оваа година.

„Тековната состојба не ни дозволува ниту да размислуваме за враќање на ракометот во следната седмица“, рече претседателот на ЕХФ, Мајкл Видерер.

Со сценариото на ЕХФ, се очекува Лигата на шампионите и ЕХФ Купот да започнат во јуни, а она што е интересно се термините одредени за завршните турнири.

Поточно, „фајнал-фор“ турнирот на машкиот ЕХФ Куп, кој требаше да се одржи на 23 и 24 мај, сега е презакажан за 29 и 30 август, додека завршницата од Лига на шампионите во женска конкуренција ќе биде одложена за 5 и 6 септември, во „Ласло Пап Арена“ во Будимпешта.

Што се однесува до Ф4 турнирот во Лигата на шампионите кај мажите, истиот нема да се одржи во мај (30 и 31), туку на 22 и 23 август во Келн. Оваа одлука на ЕХФ може да влијае и на репрезентативните термини, па многу веројатно презакажани ќе бидат и бараж-натпреварите за Светското првенство во Египет, на кои Македонија треба да се сретне со Франција.